Почитувани колеги,
денеска во просториите на Сојуз – от на стопански комори ( ССК ) беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу нашето и другите музички здруженијата од една страна и ССК од друга. Со него започнува нова фаза во нашето работење, на многу повисоко ниво и со сериозни партнери, секако правно потковани и со добра инфраструктура.
Ова беше неопходно бидејќи од позиција на здружение едноставно немавме моќ ниту ингеренции да направиме било каков сериозен чекор во правец на подобрување на состојбите во нашата фела. Како што ви кажавме, веќе сме во очекување на состанокот со г – динот Битиќи на кој ќе разговараме за конкретни барања, секако приоритетните – решавањето на статусот на сите невработени музичари, работните дозволи и други теми. Но ќе разговараме и за закон за музичка дејност и сите следствени потреби и обврски.
Само за потсетување, во неколку наврати ни беше кажано од неколку различни институции дека се додека не направиме комора и со тоа самите го започнеме регулирањето на нашиот простор, не можеме да сметаме на понатамошна финансиска помош од државата но и дека нема да можеме да продолжиме како до сега. А ако ние самите не го направиме тоа, тогаш тоа ќе го направат други субјекти кои можеби и не ги знаат нашите вистински потреби и состојби. Згора на се, знаете дека има и инспекции кои бараат да сте членови на здружение ако сакате да настапувате од свадби до ноќни клубови.
Треба да знаете дека сме веројатно последна земја во Европа која нема организирана музичка фела. Некои од балканските земји имаат веќе 30г организирано работење на музичарите, некои неодамна го направија тоа.
Ние сепак успеавме 2 пати да обезбедиме финансиска помош, разговаравме со Претседателот, Премиерот, министри и тн. за моменталните состојби но и за тоа каде и какво е нашето место во медиумите, во клубовите, во институциите, општеството. Имавме и прес конференции и протест и бесконечно долги комуникации со различни фактори.
Денес некој праша како во оваа лоша политичка и економска состојба ние да ги нагласиме и решиме нашиве прашања а сме на маргините. Одговорот е : немаме избор. Треба да го направиме тоа и го правиме : градиме систем со кој ќе ги заштитиме сите наши колеги но и подобриме финансиските и социјалните услови за сите музичари и целосно, за македонската музика и култура.
За крај, уште еднаш да ве потсетам дека е потребно да уплатите членарина. Новите уплатници ( ПП10 и ПП30 ) можете да ги најдете на нашиот сајт www.muzikasega.mk. Новите членови е потребно да пополнат пристапница а старите членови, доколку ги имаат истите податоци, доволно е само да уплатат 2.000ден. Здружението има трошоци и обврски. А здруженијата секако ќе останат основа на целово движење. Ви благодарам и имајте успешен викенд.