Здружението ЗУПМ – Музика Сега ги поканува претседателите на останатите сродни здруженија Охридски Музички Еснаф, Естрада – Битола, Естрада – Струмица, Здружение на Естрадни Уметници – Скопје, Сојуз на професионални музичари- Скопје со кои има потпишано меморандум за соработка на 30.01.2021 година во Охрид, за заеднички настап пред релевантните фактори во државава со една цел – реакција и барања за средба до Владата, по повод последните случувања, а особено за 5-от пакет мерки и предлог протоколите од страна на Угостителите, на заедничка прес конференција за медиуми која ќе се одржи во вторник 09.03.2021 година во просториите на клуб-ресторанот МКЦ во Скопје, во 13,00 часот.
Барањата ќе бидат унифицирани и недвосмислени а ќе коренспондираат со моменталната ситуација во која се наоѓаат музичарите од цела држава, независно на кој етникум и националност припаѓаат, сите ние сме во една моментно лоша и крајно незавидна состојба.
Барањата содржат две основни точки:
- Со оглед на тоа што ние како фела, никако не може да се пронајдеме и не припаѓаме во 5-от пакет мерки (точка 11) и сме една од најпогодените гранки во државава, имаме забрана за дејност веќе безмалку 12 месеци и само една еднократна финансиска помош од 43.000 денари која беше доделена во декември, бараме од Владата да не обештети со сума еквивалентна на претходната дадена помош најдоцна до крајот на месецот март оваа година. Ова наше барање не е некаков “хир”, туку реална надокнада, за што побезболно да ги покриеме основните режиски трошоци кои се за нас од основно егзистецијално значење.
- Последниот предлог од угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката, каде се бара настаните да се одвиваат без жива музика, за нас е крајно разочарувачки и во никој случај не се согласуваме со истиот, затоа бараме таа точка од нивниот предлог-протокол да се избрише. Исто така. точката 15 од минатата година која беше објавена во Службен Весник вна 22 јуни, 2020 година — 166/20 и 169/20, која гласи – Забрането организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти и уредбата за гласност на музиката до 55 децибели, бараме да се укине и да се донесат соодветни, унифицирани, стратешки препораки , односно протоколи за работа на угостителските објекти, кои нема да бидат дискриминирачки во однос на нас музичарите.
Барањата ќе бидат адресирани до: Премиерот Зоран Заев, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Комисијата за заштита од заразни болести , од кои очекуваме одговор најдоцна до крајот на неделата, односно 12.03.2021 година. Во спротивно, ќе бидеме приморани во време на пандемија нашите права да ги бараме по пат на протест, секако почитувајќи ги правилата и пртоколите при одржувањето на истите на јавен простор.
Со почит, Претседател на ЗУПМ – МУЗИКА СЕГА
Трајко Симоновски