Прес конференција на шестте музички здруженија / ЗУПМ – МУЗИКА СЕГА

Заедничка прес конференција на шестте музички здруженија за медиуми 09.08.2021 МКЦ, свикана со една цел – реакција и барања за средба до Владата, по повод последните случувања, а особено за 5-от пакет мерки и предлог протоколите од страна на Угостителите

 

Почитувани претставници од медиумите,
Во мое име и во име на Кординативното Тело на шестте сродни музички здруженија (ЗУПМ – Музика Сега, Здружение на Естрадни Уметници – Скопје, Охридски Музички Еснаф, Естрада – Битола, Естрада – Струмица и Сојуз на професионални музичари –  Скопје ) сакам да ви се заблагодарам за вашето одвоено време и присуството на првата прес конференција за медиуми, која е свикана со една цел – реакција и барања за средба до Владата, по повод последните случувања, а особено за 5-от пакет мерки и предлог протоколите од страна на Угостителите.
Почитувани претставници на власта, почитувани медиуми, почитувана јавност,
Слушнете го молкот на музичарите!!!
Нашиот молк е потврда дека музичарите навистина ја разбираат состојбата во која се наоѓа целиот свет, како и нашето општество и држава. Тој молк воедно е и крик кој треба да го слушнат сите, а пред се` оние кои неправедно оваа група на граѓани ја имаат заборавено и ставено на маргините.
Имено, музичарите и воопшто музичките работници, беа меѓу првите кои ги почуствуваа последиците од оправдано донесените мерки за сузбивање на пандемијата, кога меѓу првите добија забрана за извршување на нивната дејност. Од таа причина, илјадници семејства во изминатата година останаа без основниот приход за егзистенција. Некои наши колеги беа или се принудени да ги продадат своите инструменти и да бараат во очај, начин за заработка во други струки кои немаат никакви допирни точка со музиката.
Состојбата кај најголемиот број музичари е трагична и алармантна! Помошта која беше реализирана од страна на државата во декември минатата година беше добредојдена и покри дел од секојдневните семејни потреби на уметниците и за тоа испраќаме благодарност до Владата!
Но, за жал, пандемијата сеуште трае, а уметниците под забраната за активност се оставени без работа, без ангажман, без основни приходи,  без најава за евентуални настапи со пропишани протоколи. За волја на вистината, некаде пред летото беа донесени протоколи за одржување на културни настани, меѓу кои и за музичките настани, но истите се однесуваа строго на настани организирани од продукциите и други чинители како дел од евент индустријата и на истите, шанса и простор за настап добиваа изведувачите од соседството на сметка на домашните кои останаа без настапи, што е крајно некоректно кон артистите од домашната сцена кои низ годините оставиле траен белег. Исто така, ова беа настапи кои се однесуваат на еден мал дел од сите можни објекти или настани каде музичарите ја вршат својата дејност, па еве веќе една година се бара и се очекува да се предложат и одобрат протоколи кои би овозможиле ограничено или какво такво музицирање и работа и во угостителските објекти, но една година не е изнајдено такво решение.
Последниот предлог за организирање настани БЕЗ МУЗИКА, дополнително ги стави во подредена улога и ги минимизира струката и трудот на музичарите кои верувајте се еден вид живо културно наследство. А стравот и револтот кај нив, се огромни, верувајте! И тоа е сосема оправдано! Неизвесноста се претвора во страв, а стравот во револт. Страв дека би останале и без досегашната помош од државата, покрај забраната сами да заработат за себе и нивните семејства.
Од сите овие горенаведени причини, шестте сродни здруженија кои претставуваат над 1200 свои активни и регистрирани членови, имаат барања до релевантните фактори кои се наведени во три основни точки

Со оглед на тоа што ние како фела, никако не може да се пронајдеме и не припаѓаме во 5-от пакет мерки (точка 11) и сме една од најпогодените гранки во државава, имаме забрана за дејност веќе безмалку 12 месеци и само една еднократна финансиска помош од 43.000 денари која беше доделена во декември, бараме од Владата да не обештети со сума еквивалентна на претходната дадена помош најдоцна до крајот на месецот март оваа година. Ова наше барање не е некаков “хир”, туку реална надокнада, за што побезболно да ги покриеме основните режиски трошоци кои се за нас од основно егзистецијално значење.

Последниот предлог од угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката, каде се бара настаните да се одвиваат без жива музика, за нас е крајно разочарувачки и во никој случај не се согласуваме со истиот, затоа бараме таа точка од нивниот предлог-протокол да се избрише. Исто така, точката 15 од минатата година која беше објавена во Службен Весник на 22 јуни, 2020 година — 166/20 и 169/20, која гласи – Забрането организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти и уредбата за гласност на музиката до 55 децибели, бараме да се укине и да се донесат соодветни, унифицирани, стратешки препораки , односно протоколи за работа на угостителските објекти, кои нема да бидат дискриминирачки во однос на нас музичарите. Шестте здруженија во врска со оваа проблематика имаат подготвено предлог-протоколи кои ќе бидат предложени и доставени до министерот за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести.

Барање за прием во Министерството за култура, со цел излагање на проблемите со кои се соочуваат музичарите и предлози за нивно што побрзо надминување во време на корона кризата која очигледно ќе трае..
Владата уверува дека се бори за секое работно место и и оваа група на граѓани го заслужува истото, иако нивниот статус , не по нивна вина, сеуште стои како недефиниран во досегашните законски рамки па затоа нашите барања ќе бидат адресирани  до: Премиерот – Зоран Заев, Вицепремиерот – Фатмир Битиќи, Министерот за здравство – Венко Филипче, Комисијата за заштита од заразни болести  и Министерката за Култура – Ирена Стефоска, од кои очекуваме одговор најдоцна до крајот на неделата,  односно 12.03.2021 година.  
Во спротивно,  ќе бидеме приморани во време на пандемија нашите права да ги бараме по пат на протест, секако почитувајќи ги правилата и протоколите при одржувањето на истите на јавен простор.
Музичарите се замолкнати. Имајте слух за нивниот молк! Тој силно знае да одекне!
Со почит, КТ на шестте сродни музички здрженија

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on print
Share on email

Работно време

Понеделник - Петок / 8.30-16.30

Неработни денови

Викенди/Официјални празници

Барање за членство во ЗУПМ-Музика Сега