Реакција по повод одговорот на вицепремиерот за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи

Почитувани членови на шесте музички здруженија, но и сите други музичари од земјава, од име на Координативното Тело на шесте здруженија со чудење и разочараност го примивме одговорот на г-динот Битиќи.  Иако, не се сомневаме во неговите добри намери кои ги докажал, сепак од неговиот одговор дека барањата кои ги доставивме на 09.03.2021 се неприфатливи , со вчудоневидување дознавме дека имало некаква понуда за вработување преку активните мерки, нешто за што прв пат слушаме и дека нѝ било понудено да бидеме дел од системот, што исто така е ново за нас (сите иницијативи за оваа проблематика се иницирани од наша страна, а до ден денес одговор и прием се уште чекаме),  а ако сме биле пријавени како невработени ќе ни било полесно да ни помогнат. (???)

Во врска со првото тврдење на г-динот Битиќи ќе го цитираме  За жал, зборуваме за категорија на луѓе кои биле надвор од системот”.  Во никој случај музичарите кои државава не успеала да ги интегрира во системот и формалната економија изминативе 30 години,  не се виновни.  Виновен е тој што не ја имплементирал оваа гранка и оваа категорија на граѓани како чинители во формалната економија.

Во нашите дописи и барања изминатиов период  до Вас како Влада и посебно до Министерството за култура е напоменато,  дека за овој проблем  со кој се соочуваме долги години имаме и изнајдено решение од  кое и ние (музичарите) и државата би имале заеднички бенефит.

Но, за жал веќе подолго време немате слух за овие наши барања и сѐ уште чекаме да нѐ примите,  како заеднички би ги разгледале нашите предлози и понатаму би ги интегрирале како решение за оваа категорија на граѓани.

Единствен,  досега реализиран разговор беше со УЈП и директорката С.Лукаревска во ноември минатата година, каде ЈАСНО  кажавме дека сакаме да сме дел од системот  и дека на нас музичарите најмногу нѝ штети што не сме интегрирани во истиот. Од Управата за јавни приходи добивме поддршка и разбирање. Моменталниот статус на оваа група граѓани (музичари) е дека  државата има систем, само  за професионалните музичари (веќе вработени во некоја национална установа) и еден мал процент кои  имаат законска основа да се пријават како Трговец  Поединец (ТП)  или Самостоен Уметник.

Овие две категории подразбираат отворање фирми и трошоци кои со оглед на цените на пазарот се големи. А, фактите се следни: никој не ги штити нивнит права и државата нема механизам за заштита од нелојална конкуренција, нема заштита за домашните автори и изведувачи, никој не гарантира за условите на работното место, нема никаква потврда за исплата на хонорар, така што во оваа ситуација се наметнува потребата од што побрзи законски измени и интегрирање на овој сектор во системот и во формалната економија.  Но, за тоа да се случи треба да се огласите на нашите барања за средба и средба со министерствата кои се задолжени за овој сектор.

Сѐ од горенаведеното и произнесените факти, се предуслов за нашето прво барање за помош во износ од  43.000 денари (обештетување за само два месеца во износ на просечна плата) кое е реално и коренсподира со моменталната ситуација во која се наоѓаме.

Во врска со второто тврдење на г-ин  Битиќи кој вели:  “Им понудивме преку активните мерки за вработување да се вклучат на пазарот на трудот и да разгоараме за законско решение како најлесно да влезат во системот“ го замолуваме да објасни кои се овие активни мерки кои биле понудени за кои ние прв пат слушаме.  Единствена понуда која е дадена од Ваша страна е 11-тата точка од 5-тиот пакет мерки,  која за нас е неприфатлива и не коренсподира со реалноста. Нѝ беше споменато дека ќе нѐ ангажираат на прослави на државни празници, можеби локални настани, online концерти и толку. Ние секако одговоривме дека од нашите 1400+ членови, преку овој систем, би биле ангажирани мал процент на луѓе, вообичаено тие кои и онака настапуваат веќе по кампањи кои се во организација на Владата што секако не е проблем сам по себе.

Проблем е дека голем број од членовите нема да свират и така нема да добијат хонорар и средства за да го преживеат овој тежок период.  Затоа веднаш посочивме, дека ова може да е дел од помошта за многу мал процент (1 или 2 %) на музичари, но никако на целата фела.

Ако е така, како велите Вие дека сте понудиле да бидеме дел од системот,  еве, нека нѐ повика Министерката за култура, нешто што го бараме со месеци или Министерот за економија каде исто така бараме предолго да бидеме примени и сослушани, од проста причина што никој од нас не сака да е на терет на државата која веќе е потклекната од рамковни вработувања, од патни трошоци на пратеници, од камати, од целата здравствена криза во која живееме изминатава година.

Каде да одиме?  Што поточно се бара од нас?  Каде да потпишеме за да преживееме месециве, можеби годините кои нѝ претстојат? Зошто не се грижите за живото културно наследство?!

Нам местото не нѝ е на улица, местото нѝ е на сцената, на настап, на концерт, покрај нашата публика и на крајот на краиштата, во ова ненормално време можеме, а и повеќе од потребно е да влијаеме на веќе лошата психолошка и ментална состојба на народот и  да ја подобриме преку тоа што најдобро го знаеме, а тоа е МУЗИКАТА!

Не дозволувајте нашиот досегашен МОЛК да стане КРИК, верувајте дека ќе одекне многу повеќе и посилно одошто се надевате и очекувате!!!

Со почит,Координативно Тело на шест музички здруженија

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on print
Share on email

Работно време

Понеделник - Петок / 8.30-16.30

Неработни денови

Викенди/Официјални празници

Барање за членство во ЗУПМ-Музика Сега