СООПШТЕНИЕ-ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Почитувани членови на ЗУПМ – МУЗИКА СЕГА, музичари, музички работници, подржувачи… 


  Како што знаете во петокот на 04.06.2021 здружението организираше протест пред владата на Р. Македонија со цел да укаже на последните одлуки кои се донесени од страна на Владата и имаат една дискриминирачка нота. Тоа го објаснивме на самиот протест и нашето единствено барање беше:- да се укине мерката од Службен весник бр.240 од 05.10.2020 – Прилог број 7 и 8 точките број 13 и 15 без дискриминација на било кој сегмент од нашиот колегиум и конечно после 15 месеци да може да отпочнеме со работа сите, ама во буквална смисла на зборот СИТЕ музичари.
Побаравме и објаснување на употребата на терминот “лиценцирани музичари”, за кој подоцна нѝ беше објаснето дека тоа значело секој што има членска картичка од регистрирано музичко здружение ќе може да ја извршува својата дејност. За оваа проблематика ќе се обратиме дополнително каде ќе го појасниме и косењето на постоечките закони во врска со неа. 

   Ние како здружение сакаме пред сѐ да се заблагодариме на сите медиуми кој достоинствено и транспарентно го пренесоа нашиот протест, на сите наши членови кој присуствуваа и го искажаа својот револт, но и на членовите од другите музички здруженија. Кога сме веќе кај другите музички здруженија и нивниот бојкот на протестот, нереагирањето на дискриминаторскиот пристап на Владата и нашето наводно “прекршување на меморандумот за соработка” во интегрално соопштение ќе се обрати председателот на ЗУПМ “МУЗИКА СЕГА ” – Трајко Симоновски

  – Почитувани колеги, членови на музички здруженија,  сакам да ви се обратам како претседател на МУЗИКА СЕГА но и како ко – претседател на Координативното тело на најголемите 6 музички здруженија. Најпрвин, сакам да ви кажам како стојат работите во однос на другите здруженија, а веројатно така ќе разберете и како и зошто завршивме на протест во петокот. Откако на претседателот на ЗЕУМ Естрада уште минатата година му објаснивме дека Музика Сега постои само поради фактот дека дотогашните претставници не успејаа да направат ништо за нас музичарите, освен да нѐ изгубат во џунглата на немање закони, организации и систем од една страна, приватните интереси од друга и инертноста да се направи нешто сериозно од трета, јасно нѝ беше укажано дека сме ние вишок и дека нашето постоење е за други –  проблем. Секако, јасно нѝ беше тоа уште пред да се нафатиме и на никого не му е драго. Нас поготово, бидејќи никој, апсолутно никој од нас овде не помислувал дека ќе мора да се бави со организирање на нашата фела, најмалку на креирање комора и имплементирање на еден тон законски регулативи, итн… Како да бидеме квалитетни и паметни во такви услови? Наш избор беше : ЧЕСНОСТ и ТРАНСПАРЕНТНОСТ, бидејќи сметавме дека само така ќе можеме да бидеме едноставни и јасни и за нас самите, за вас членовите и колегите, и секако пред државата. Тоа пред сѐ подразбира отворено пружена рака кон сите добронамерни и незаштитени колеги, но и кон оние кои баш и „не нѐ сакаат”. И таму има квалитет, има и кај нас… и таму има колеги кои се без денар, а имаат долги кариери, ги има и кај нас. Сите сме во иста каша, џунгла. Затоа и во јануари оваа година, во Охрид потпишавме Меморандум за соработка помеѓу нас и другите 5 здруженија на музичари. Целта беше да креираме атмосфера и можности за таа една целина, Комора на музичарите. Беше направена и Вибер група, а телефоните цел ден ѕвонеа и комунициравме добро. Јас како претставник на МУЗИКА СЕГА , сум пред сѐ застапник на нашето собрание, управен одбор и членовите но, во ситуацијата и ко – претседател на Координативното тело на 6 -те здруженија. И како таков, сум ги претставувал сите здруженија во многу прилики, дури и ЗЕУМ Естрада кога бев замолен од нив да го сторам тоа. Бев и поканет да бидем член на Управниот одбор на истото здружение. И им благодарам за тоа уште еднаш. Но, од причини кои можам само да ги претпоставам, во еден момент Претседателот на тоа здружение го напушти координативното тело (24.02.2021) и иако после некое време продолжи да комуницира, тој никогаш не побара да се врати. Јас мислев дека го разбирам: целата таа работа каде треба да комуницираш со своите членови или управен одбор без официјални информации, без сигурност дека тоа што ќе го кажеш ќе испадне така, притоа често пати луѓето не разбираа (доволно) што се случува… И затоа продолживме понатаму. Сепак, после некое време, како што се случуваше и во декември, нагло престанавме да добиваме информации од Естрада, дури и на ниво на КТ. Многу важна информација која ние не ја знаевме е дека Работната група на г – динот Битиќи била само за комората, а не и за другите прашања, како помошта, блокираните сметки итн. И ми беше замерено бидејќи сум ги отворил тие теми. Јас повторно се извинувам. Но, како последица на тоа, многу работи останаа отворени и во конкурсот проблематични. Само на едно ќе потсетам, никаде не стои „ членови на здруженија”. Нас никој не ни дојавил дека треба да го предадеме нашиот последен регистер за било која цел, сигурно не за и нашите членови да станат опфатени со помошта. Нашите телефони, контакти, mail – ови, Вибери, пошта функционираат како и до сега. Во Вибер групата СЕКОГАШ за сѐ сме се консултирале со другите. Докази за тоа постојат се разбира.Транскрипцијата е комплетна и лесно може да се провери. Ние никогаш не сме криеле ништо бидејќи немаме потреба од такво нешто. И јасно кажавме дека овој пакет мерки и фактот дека сеуште не свириме, но уште повеќе дека и понатака сме игнорирани и покрај сите наши заложби за логика и разум, не се добри и бараме она што сметаме дека е логично и правично. Кај нас членуваат сериозни, етаблирани музичари кои одлично ги познаваат состојбите во сите бранши на нашата професија. Зошто не игнорираат? Веројатно дека се обидовме да сме конструктивни и одмерени затоа што сепак имаме разбирање за целокупната состојба во државата, не само нашата. Но, ете, некои сметаат дека сѐ е ок, дека конечно ги имаме условите, правата, помошта која нѝ припаѓа и тоа е тоа.

   Сакам да ви се обратам на сите, дека ние без разлика на сѐ, одиме кон иднината со чисто минато и образ. Таа комора која допрва треба да се оформи мора да биде иста таква затоа што само различен пристап може да донесе различни резултати. И затоа, ние и понатака ќе останеме во Координативното тело и ќе комуницираме отворено со сите кои тоа ќе го ценат. Мојата и нашата лојалност е кон музиката и сите музичари во земјава, ќе повторам, НА СИТЕ МУЗИЧАРИ ВО ЗЕМЈАВА. 

Како за крај, ние како здружение секогаш во буквална смисла на зборот ќе реагираме на сите неправди, дискриминации, погрешни одлуки и неправилности кои се однесуваат на оваа професија, притоа не делејќи ги музичарите по никаква основа. Затоа ако некој помислил дека така лесно ќе отстапиме од нашата борба, грдно се излажал.

 

 

Со почит,

 

Трајко Симоновски,

Претседател на ЗУПМ – МУЗИКА СЕГА

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on print
Share on email

Работно време

Понеделник - Петок / 8.30-16.30

Неработни денови

Викенди/Официјални празници

Барање за членство во ЗУПМ-Музика Сега