СООПШТЕНИЕ ВО ВРСКА СО НОВИТЕ ПАКЕТ МЕРКИ НА ВЛАДАТА

 

Почитувани членови на ЗУПМ “Музика Сега” знаеме дека со нетрпение очекувате официјални информации поврзани со петтиот и шестиот пакет мерки на Владата кои се поврзани со нашето здружение и општо музичката дејност.

По извесните шпекулации и непроверени информации, ние како здружение решивме да почекаме официјален став и инфо од Владата, па да се произнесеме во врска со долгоочекуваната помош.

По официјалната објава на Владата за пакетите на мерки кои следуваат, може да констатираме дека дел од нашите членови ќе бидат опфатени и во петиот и во шестиот пакет мерки. ШТО ЗНАЧИ ТОА?

Во петтиот пакет мерки се наоѓа мерката број 11, која нас како музичари, индиректно нѐ опфаќа, а е цитирана од веб страницата на Владата на Р. Македонија и гласи:

“Мерка 11 e поддршка за индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес во висина од 61 милион денари. Оваа мерка е наменета за правните субјекти кои организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што меѓу другото ќе се ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, домашни музичари и други професии од оваа ивент индустрија кои се директно погодени од пандемијата.”

Во шестиот пакет мерки, поточно мерката број 4, која содржи директна финансиска помош за музичарите кои се активни членови во некои од шесте музички здруженија и гласи:

“Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.”

Денес добивме и официјално инфо во врска со мерката број 4 и нејзиниот начин на аплицирање, а тоа е дека финансиската помош ќе се одвива преку Министерството за култура и музичарите (активните членови регистрирани во постоечките друштва на музичари) ќе треба сами да аплицираат, а нашиот регистер на активни членови, кој ние ќе го предадеме, ќе им служи како еден вид гарант.

По добиената информација, ние како здружение ЗУПМ “МУЗИКА СЕГА”, НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ со ваквиот начин на аплицирање и итно реагиравме до Кабинетот на Министерството за култура, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Генералниот Секретаријат со БАРАЊЕ – овој вид на аплицирање да се избегне, од проста причина бидејќи е тотално непотребен, бирократски комплексен и може да доведе до развлекување на временскиот рок на добивање на помошта, а тој луксуз ние не може да си го дозволиме!

Исто така, реагирано е и во врска со критериумот кој се однесува на “просечен месечен нето приход под 15.000 денари за 2020 година“, од причина што не цела 2020 година беше пандемска година и некои од нашите членови, може да не го исполни овој услов и да не добие финансиска помош.

Бидете уверени дека цело ова време сме во контакт со релевантните претставници и ќе дадеме сѐ од себе овие, условно кажано неповолности, да ги отстраниме!

За секоја нова информација ќе бидете навремено известени.

Со Почит,

ЗУПМ “Музика Сега”

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on print
Share on email

Работно време

Понеделник - Петок / 8.30-16.30

Неработни денови

Викенди/Официјални празници

Барање за членство во ЗУПМ-Музика Сега