СООПШТЕНИЕ

Почитувани колеги музичари, после долга и напорна работа, после многу состаноци, консултации, грешење но и учење, со големо задоволство можеме да ви соопштиме дека е формирана првата комора на музичарите – Комора на музичка индустрија. Ви честитаме на сите бидејќи прв пат од осамостојувањето, македонските музичари ќе се организирани во формална и од државата прифатена форма. За нас од Координативното тело на 6 -те здруженија на музичари, тоа е само една од фазите кои ги минавме и ќе ги минуваме но е големо постигнување, историски важна промена.

Најпрво, би сакале да ве известиме дека сме една од последните ( ако не и последна ) земја во Европа каде музичката фела не е организирана, нема никаква формална комуникација со институциите па така и музичарите ги немаат истите права како и другите дејности. Пандемијата сериозно ги поремети животите на сите граѓани, особено ги погоди музичарите чија што дејност беше едноставно забранета. Во таква ситуација, без корелација со државата, без „озаконета дејност“ и можност за детално проверени регистри, ние добивме каква – таква помош но и опомена дека мораме да се организираме во сериозна форма бидејќи вообичаено, таква сериозна помош не се дели на здруженија кои ги немаат адекватните  можности, механизми и воопшто релевантноста. Но исто така, ни беше кажано дека ако самите не се организираме, ќе не организираат други, администативни субјекти кои вообичаено, не го познаваат состојбите како ние самите. Со други зборови, формирање на комора стана неопходност но и обврска.

Зошто е важна комората?

Комората е деловно-стручна асоцијација која ги усогласува, застапува и штити интересиte на своите членови. Тоа значи, дека комората треба вам, на музичарите да ви ја подобри состојбата. Како прва точка од нашето барање до г -динот Битиќи, на средбата која се оствари во март, минатата година, беше невработените музичари, кои не се самостојни уметници, да можат преку комрата да си уплаќаат паушално, субвенционирано од државата за основните, пензиско и здравствено осигурување. Тоа пак значи дека нема да има потреба од отворање фирми ( ТП – трговец поединец ) која дополнително ги обременува музичарите, ниту ќе има потреба од нереално вработување во други фирми за остварување на основните права. Ова веќе постои кај „индивидуалните земјоделци“ и е реален предлог кој беше начелно прифатен.

Понатака, побаравме право на издавање лиценци. Членување во било кое музичко здружение автоматски би значело поседување лиценца за извршување музичка дејност на територијата на државата. Ова мерка е во смисол на спречување „нелојална конкуренција“, од внатре но и од надвор,  а подразбира понатамошна механизми, секако кога за тоа ќе постои техничка, институционална и човечка можност.

Но, најважно од се е да се изготви предлог закон за музичка дејност каде гореспоменатите барања ќе бидат правно и системски поддржани, креирајки амбиент во кој музичарите ќе имаат можност за професионален но и достоинствен живот. Последново барање, е сериозен чекор кој подразбира стручен кадар и корелација со државата која ние во минатото но и во моментов сме ги немале и ги немаме.

Комората треба да биде и институција која треба да организира прес конференции, семинари, конкурси, награди, фестивали, фондови и се што е поврзано со музичката професија. Колку за пример, во Р. Хрватска, нивната Хрватска глазбена унија ( ХГУ ) е организатор на наградата Порин, која е стручна музичка награда, но исто така, за време на пандемијата, ХГУ од свои фондови, значително ги поддржа членовите со финансиска помош.

                Деновиве, се изготвува новиот Закон за култура. Ние побаравме да бидеме консултирани, во советодавна смисла, за да помогнеме тој нов закон за култура да биде отворен и за нас. Текстот на самиот закон дозволува : Одделни дејности и активности од културата можат да се доуредат со посебни закони, доколку спецификата на дејноста тоа го бара(член 4). Овој член практично го овозможува тој иден Закон за музичка дејност. Но нема причина зошто уште сега да не се подобри комуникацијата со Министерство – то за култура каде нашата дејност природно и припаѓа. За потсетување, станува збор за повеќе од 3.000 членови, сегашни но и многу повеќе идни што не е бројка за потценување и е економски фактор кој не е регулиран. Од друга страна, многу наши музички имиња се најдобрите амбасадори на земјава а честопати имаат нерегулиран статус и несигурна иднина. Ако до сега никој ова не го промени, на нас е тоа да го направиме.

                Почитувани колеги, време е да се мрднеме од сенката во која работиме повеќе од 30г. Кој друг ако не ние самите ќе ни помогне да станеме професија со дигнитет и со стабилна иднина? Јасно е дека нема човек кај нас кој ги знае сите аспекти на музичката дејност а притоа е вешт правник, политичар,  менаџер. Јасно е и дека има простор за позитивна промена во функционирањето на  професионалните но и аматерските музичари. Воопшто, промената треба да биде сеопфатна и во двете насоки. Соопштенијата на Комората на музичка дејност, додека не се изработат сопствени интенет страни, ќе можете да ги читате на страните на здруженијата.

                Уште еднаш, честитки до сите музичари, ова е голем чекор но одиме понатака.

Координативно тело на 6 те музички здруженија

30.01.2023 Скопје

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on print
Share on email

Работно време

Понеделник - Петок / 8.30-16.30

Неработни денови

Викенди/Официјални празници

Барање за членство во ЗУПМ-Музика Сега