Почитувани колеги, членови и поддржувачи на ЗУПМ “Музика Сега” Ви се обраќаме, бидејќи почуствувавме потреба да ве информираме за некои работи кои се случуваат далеку од очите на јавноста. Нашето здружение се базира првенствено врз два темела, а тоа е чесност и транспарентност. Уште во основањето, на самиот почеток беше потенцирано дека тоа е приоритет кој понатака ќе не однесе таму каде што сакаме. Зошто чесност и транспарентност? Бидејќи претходните обиди музичарите да се здружат, завршувале со неуспех, токму поради немањето на истата. Откако прифативме да се занимаваме со оваа работа, премногу често доаѓавме во ситуација кога едноставно немавме одговор за вашите прашања. Бидејќи немавме целосни информации, а сме ги барале, кај сите. Па, со оглед на тоа што го знаеме, сакаме да ви го кажеме следново:
1. Откако имавме средба со г-динот Алаѓозоски, кој ни е посредник во комуникацијата со г-динот Битиќи и Владата, дознавме барем нешто во врска со 5 тиот пакет мерки, но не доволно! За жал, тој се чини неповолен за нас, инволвира технички детали кои не е можно добро, квалитетно и фер да бидат применети во процесот. Тоа барем можевме да го заклучиме повторно, врз основа само на одредени детали, не на сите. И без информација за системот како ќе се спроведат тие мерки. Така што, сега за сега како што стојат работите, 11-тата точка не вклучува директна финансиска помош, а моделот како што е презентиран е за нас како музичари, неповолен.
2. Нагласивме дека уште од соопштението на Премиерот, се гледа дека сме ние на крајот на ланецот на тие средства кои беа споменати. И затоа, обидувајќи се да бидеме конструктивни и да ги прескокнеме главоболките за сите, а највеќе за вас, членовите на нашето здружение, замоливме уште еднаш да бидеме примени од г-динот Битиќи и на него лично да му ги соопштиме проблемите но и евентуалните решенија, за тоа како таа мерка да се спроведе. Веднаш потоа, испративме во името на сите здруженија и музичари, уште еден меил до г-динот Битиќи, на кој сеуште не ни е одговорено. Но, имаме неофицијални информации, дека ќе бидеме примени и дека конечно ќе можеме барем дел од работите да ги превземеме во свои раце и да ги презентираме нашите барања до релевантните фактори.
3. Испративме меил и до комисијата за заразни болести. И таму бараме прием и одговор на нашите прашања, а првото е: Кога ќе започнеме повторно да се занимаваме со нашата (до овој момент) забранета дејност? Во меилот, набројавме многу причини зошто дел од мерките поврзани со нас се едноставно нелогични? Зошто имаме чувство како да сме ние виновни за пандемијава а не работиме повеќе од 11 месеци (освен два и пол месеци со чудни протоколи) а бројките растат?
4. Се работи и на уште неколку многу сериозни проекти кои на долг рок треба да ни помогнат на сите нас. Ќе ве известуваме за прогресот штом ќе го има.
Ја разбираме вашата нервоза, и ние ја чувствуваме бидејќи и ние самите сме музичари кои немаат повеќе извор на приход за себе и фамилиите. Уште потешко паѓа фактот дека и не знаеме кога ќе можеме да работиме. Но најмногу боли тоа што за тоа не знаеме дали се свесни сите кои одлучуваат, дали ќе ни помогнат како сектор кој е еден од тие кои се најпогодени во време на кризава. Ги замолуваме господата од Владата да не’ сослушаат и не’ разберат, и на крајот на краиштата, нашите проблеми се реални и да не не’ доведат во ситуација да се послужиме со сите расположиви средства, како граѓанска непослушност и протести. Нам не ни требаат, на градов исто така, но повеќе немаме каде!
Еве и за крај уште еднаш: Ги повикуваме сите релевантни чинители во земјава конечно да не’ повикаат, во детали да ни објаснат што мислат да прават и какви мерки да се преземат во врска со нас и на крај да се консултираат со нас, како тоа ќе ни помогнат.
Вие почитувани членови, имајте разбирање дека работите не се случуваат така како што ние сакаме, туку така како што ни се наметнати. Нашата сила е во бројката која е секој ден се поголема, ние се здруживме и официјално со другите здруженија на музичарите. Во моментов, копретседателствуваме со Координативното Тело на тие здруженија, така што, сите колеги, од цела земја, стојат позади истата цел а тоа е- да се избориме за нашите права и да “преживееме” во ова „никогаш нема да стане нормално“ време.
Трајко Симоновски
Претседател на ЗУПМ Музика Сега